Ѓорѓиевски: Тестот со БиХ е одличен пред Елитните квалификации за ЕП

Младата репрезентација на Македонија до 19 години ќе одигра два контролни натпревари против соодветната селекција на Босна и Херцеговина, кои ќе бидат одличен тест пред почетокот на Елитните квалификации за Европското првенство. 

Двата контролни меча ќе бидат одиграни на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, а капитенот Мартин Ѓорѓиевски даде коментар и свое видување за дуелот со БиХ и претстојните квалификации.

„Како и на секој претходен натпревар, така и на овој ќе пристапиме максимално фокусирано и внимателно. Босна и Херцеговина е репрезентација која поседува квалитет. Ја анализираме нивната игра, се надевам дека ќе одиграме добар натпревар.

На утрешниот меч верувам дека ќе одиграме храбро, борбено и посветено во текот на сите 90. минути. Имаме неколку повредени играчи, но верувам дека можеме да постигнеме позитивен резултат против квалитет противник. Да го продолжиме трендот на позитивни резултати пред почетокот на престојните квалификации од елитната фаза во месец март.

Имаме одлична атмосфера внатре во тимот, мотивацијата е на највисоко ниво, сите заедно со нетрпение го очекуваме стартот на квалификациите. Сакаме да испишеме историја и да постигнеме успех“, заклучи младиот Ѓорѓиевски. 

Избраниците на селекторот Тони Јакимовски на 18 март ја започнуваат Елитната рунда на квалификации. Нашите млади фудбалери се наоѓаат во групата 7 и за противници ќе ги имаат репрезентациите на Швајцарија, Украина и Летонија