Ѓорѓи Мојсов стана осмиот македонски тренер во српската Суперлига

Македонскиот тренер Ѓорѓи Мојсов испиша нова страница во историјата на македонските тренери во српскиот фудбал. На натпреварот против Радник Сурдулица, 41-годишниот стратег од Кавадарци официјално стана осмиот македонски тренер што водел екипа во српската Суперлига од нејзиното формирање во 2006 година.

Македонските тренери досега немаа премногу успеси во српската елита. Единствен кој успеал да освои шампионска титула е Бошко Ѓуровски, кој во 2007 година ја предводеше Црвена Звезда до трофејот. Тој го презеде тимот во март од Душан Бајевиќ, а до крајот на сезоната успеа да го престигне Партизан на табелата и да го освои Купот на Србија со победа од 2-0 над Војводина во финалето.

Последниот Македонец кој работеше во српската Суперлига пред Мојсов беше Милан Стојановски. Тој ја започна сезоната 2024/25 на клупата на ИМТ, но во ноември се повлече од функцијата. Две години претходно, Никола Стојановиќ привремено го водеше Радник Сурдулица како вршител на должноста тренер, при што беше на клупата на три суперлигашки натпревари.

Најдолг тренерски стаж во српската елита од македонските стратези има Драги Канатларовски, кој работеше во Нови Пазар, Спартак Суботица и Раднички Крагуевац. Во српската Суперлига работеле и Стевица Кузмановски, Чедомир Јаневски и Шефки Арифовски. Пред Ѓорѓи Мојсов сега стои голем предизвик и можност да остави свој белег во српскиот елитен фудбал, а ја има можеби најтешката задача од своите претходници, тоа е да го спаси Земун од испаѓање.