Ѓорѓев и Грасхоперс ја освоија титулата во втората и се пласираа во Супер лигата!

Никола Ѓорѓев и Грасхоперс ја финишираа успешната сезона во Втората лига на Швајцарија и со триумф над Кринс (2-1) ја обезбедија титулата и се пласираа во Суперлигата на оваа земја. 

Пресметката на својот „Лецигрунд“ во Цирих, екипата на Грасхоперс ја реши практично во првиот дел, бидејќи Демашај и Бонатини донесоа двојна предност. Иако Кринс се врати во игра преку Патрик, домашните беа помотивирани да победат и ја задржаа позитивата до крајот. 

23-годишниот Македонец, кој има настапи и за А-репрезентацијата на нашата земја, ги одигра сите 36 натпревари за Грасхоперс оваа сезона, постигна седум погодоци и запиша девет асистенции. Тој потекнува од академијата на Грасхоперс и е почитуван во својот клуб, па следната сезона со него ќе настапува во елитното друштво на швајцарскиот фудбал.