Ѓоргиевски: Верувам дека моите фудбалери ја научија поуката од Прилеп

Во единствениот натпревар в недела, во осмото коло од Првата фудбалска лига, екипата на Скопје ќе биде домаќин на Брегалница Штип. Со оваа средба ќе се стави крај на возбудувањата во домашното првенство.

Фенерџијата ќе го предизвика тимот на Илчо Ѓоргиевски, кој во претходното коло загуби кај Победа. Шанса за поправен, според шефот на стручниот штаб на штипјани, е токму ова гостување во главниот град.

„Верувам дека поуката и лекцијата од Прилеп моите фудбалери ја научија. Средбата со Скопје мора да ја сфатиме најсериозно, ако сакаме да немаме проблеми. Целосно сме фокусирани на овој меч, кој нема да биде лесен. Фудбалерите треба да го дадат максимумот, ако сакаат добар резултат. Сметам дека максимално сме подготвени за гостувањето во Скопје“, вели Ѓоргиевски.

Последниот натпревар од осмото коло е закажан за в недела со почеток од 15:00 часот. Главен судија на овој дуел ќе биде Стојанче Трпчевски.