Ѓоковиќ прв финалист на Вимблдон: Баутиста-Агут освои еден сет, но беше далеку од победа! 

Новак Ѓоковиќ ја мина и последната пречка за ново учество во финалето на третиот овосезонски Грен слем, Вимблдон. Српскиот ас беше еден од најголемите фаворити за одбрана на трофејот освоен пред една година, а тоа го потврди на терен, откако денес без поголеми проблеми славеше над незгодниот Шпенец, Роберто Баутиста-Агут. 

Првиот рекет на светот тргна фуриозно и уште од самиот старт му најави на противникот дека финалето за него е недостижно. Првиот сет го доби со убедливи 6-2, благодарение на брејковите во вториот и осмиот гем. Но, Шпанецот не се предаде и со брз одземен сервис на Ноле успеа да израмни на 1-1 во сетови (6-4).

Ѓоковиќ сè презеде во свои раце, од гем во гем го кршеше отпорот на неуморниот Баутиста-Агут, па по 6-3 во третиот, во четвртиот сет беше поубедлив и користејќи ја петтата меч топка стигна до 6-2 и ново големо финале на англиската трева.

Во големото финале на Вимблдон, Ѓоковиќ ќе се сретне со еден од големите ривал Рафаел Надал и Роџер Федерер, кои набрзо ќе истрчаат на централниот терен и ќе го започнат второто полуфинале на овој турнир.