Ѓоко Хаџиевски по скоро две децении се врати во бугарскиот фудбал

Македонскиот фудбалски стручњак Ѓоко Хаџиевски е именуван за нов шеф на стручниот штаб на бугарскиот Спартак Варна. 70-годишниот искусен стратег ќе го наследи Николај Киров, кој неодамна се пресели на кормилото на Ботев Пловдив.

Хаџиевски има богата интернационална кариера и добро познавање на бугарскиот фудбал. Тој првпат работеше во Бугарија уште во далечната 1993/94 сезона, кога беше тренер на ЦСКА Софија, додека во 2006 година, повторно се врати во бугарското првенство, овојпат на чело на Вихрен Сандански.

Неговиот последен ангажман беше во Саудиска Арабија во сезоната 2023/2024, а низ годините Хаџиевски има водено бројни клубови како Вардар, Силекс, Војводина, Баку, Касторија, Докса, Атромитос, како и репрезентацијата на Македонија.