Ѓоко Хаџиевски емотивно се збогува од Спартак Варна: Ме прифативте како еден од вас!

Македонскиот стратег Ѓоко Хаџиевски и официјално се збогува со бугарскиот прволигаш Спартак Варна, откако преку емотивно јавно обраќање ја објасни одлуката да се повлече од тренерската функција.

Искусниот тренер откри дека одлуката ја донел уште пред почетокот на новата сезона, но намерно останал на клупата за да не го наруши мирот во екипата пред големото дерби на Варна. Хаџиевски истакна дека заминува со чувство на исполнета мисија, бидејќи минатата сезона успеал да го задржи Спартак во елитното бугарско друштво. Во своето обраќање тој им се заблагодари на раководството, фудбалерите и навивачите за довербата и поддршката, нагласувајќи дека во Варна се чувствувал како дома, иако доаѓа од Македонија.

„Не ми е лесно да ги кажам овие зборови, но верувам дека ова е вистинскиот момент.

Минатата сезона беше една од најтешките во мојата кариера. Поминавме низ многу предизвици, тешки моменти, голем притисок и огромна одговорност. Заедно издржавме сè и ја исполнивме најважната цел - Спартак да остане во елитата.

Уште пред почетокот на новата сезона донесов одлука да се повлечам. Не го направив тоа тогаш, затоа што пред нас беше дербито на Варна. Не сакав мојата одлука на кој било начин да го разниша тимот или да го одвлече вниманието од толку важен натпревар. Без разлика каков ќе беше резултатот, јас веќе знаев што ќе направам по него.

Денес заминувам спокоен. Го исполнив тоа што си го ветив себеси, на раководството и на фудбалерите. Заминувам со чувство дека зад себе оставам стабилен тим, добар колектив и клуб кој има иднина. Од првиот ден почувствував посебна поврзаност со Спартак. Иако сум Македонец, во Варна се чувствував како дома. Начинот на кој ме прифативте, почитта што ја добив од сите во клубот и од навивачите никогаш нема да ја заборавам. Особено ме радува што во последните месеци многу луѓе во Македонија почнаа да го следат и да го поддржуваат тимот на Спартак Варна. За мене тоа е вистинска гордост, затоа што фудбалот создава пријателства и ги поврзува луѓето без разлика на границите.

Ви благодарам што ме прифативте како еден од вас. Ви благодарам за почитта, поддршката и љубовта кон клубот. Ви ветувам дека повторно ќе се враќам во Варна, а кога ќе дојдам да гледам натпревар на Спартак, нема да бидам во ВИП ложата или на клупата, туку со вас на трибините, затоа што таму е срцето на овој клуб.

Му посакувам на Спартак Варна уште многу успеси, радосни моменти и причини за гордост. Верувајте во вашиот тим и продолжете да го поддржувате како што само вие знаете.

Ви благодарам од срце“, порача Хаџиевски.

Во Спартак Варна македонскиот стратег пристигна во јули минатата година. Дванаесет месеци подоцна по 39 натпревари на клупата Хаџиевски реши да замина. Во тој период со Спартак забележа десет победи, 13 нерешени и 16 порази.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.