• Мартин Танасковски
Meѓународниот центар за спортски студии (CIES) со седиште во Нојшател, Швајцарија, објави истражување за просечната возраст на тренерите во 55 фудбалски првенства ширум светот, а резултатите покажаа дека бугарската лига има највозрасни тренери во светски рамки.
Според анализата, просечната возраст на 16-те тренери во бугарската елита изнесува 55,6 години, што е највисок просек меѓу сите анализирани шампионати. Најстар тренер во најдобриот шампионат е Ѓоко Хаџиевски, кој со 71 година одлично ја води Спартак Варна. Нашиот поранешен селектор е високо ценет во Бугарија, уште од првиот негов престој во нашиот источен сосед, кога ја водеше ЦСКА Софија.
По него следат двајца 66-годишници, тоа се Ратко Достаниќ, инаку поранешен тренер на Работнички и Вардар кој сега раководи со Славија Софија, како и Пер-Матиас Хегмо од Норвешка кој го води познатиот Лудогорец.
На второто место на листата се наоѓа Примера Дивисион во Аргентина, каде просечната возраст на тренерите е 54,6 години, додека трета е лигата во Обединетите Арапски Емирати каде просечната возраст е 54,4 години. Најмладите тренери работат во Шведска и Австрија со просек од 43,5, односно 44,6 години.
Интересен податок е што во бугарското првенство моментално нема ниту еден тренер помлад од 40 години, што дополнително ја нагласува доминацијата на искусните стручњаци во лигата.






