ВИДЕО: Ѓокереш со стил и со 39-ти гол стави точка на новата шампионска титула на Спортинг!

Фудбалерите на Спортинг Лисабон ја одбранија титулата во Португалија со победа во последното коло над Виторија Гимараеш со 2-0. Во исто време, најголемиот ривал за тронот, Бенфика, се „сопна“ и одигра само 1-1 на гости против Брага. Со тоа „лавовите“ со трофеј крунисаа уште една успешна сезона, иако двапати менуваа тренер среде сезона.

Апсолутен херој на сезоната, вторпат по ред, за Спортинг беше „нереалниот“ Виктор Ѓокереш, кој ја заврши сезоната со стил, со нов гол, негов 39-ти во првенството. Шведскиот голгетер има дваесет гола повеќе од второпласираниот Павлидис од Бенфика на листата на стрелци, и е на добар пат да ја освои „Златната копачка“, трофеј наменет за најдобриот голгетер на „стариот континент“.

Ѓокереш го постигна голот за потврда на победата на својот тим, откако 82. минута на мајсторски начин ја смести топката во противничката мрежа и донесе огромна радост на трибините.