„Ѓокереш нема џентлменски договор со Спортинг и нема да замине за шеесет милиони евра“

Претседателот на португалскиот Спортинг, Федерико Варандаш, ги демантираше наводите на напаѓачот Виктор Ѓокереш и рече дека меѓу нив никогаш немало никаков „џентлменски договор“. 

Шведскиот офанзивец ѝ се налути на управата, тврдејќи дека имал договор да биде продаден за сума од шеесет милиони евра, но првиот човек на клубот негира такво нешто. 

„Ви гарантирам дека Ѓокереш нема да замине за 60+10 милиони евра, а помеѓу нас никогаш немало таков договор. Јас такво нешто не сум ветил, ниту денес, ниту минатата година“, изјави Варандаш. 

Претседателот исто така спомена и дека Спортинг досега не добил ниту една „вистинска“ понуда за Ѓокереш, кој постигна вкупно 97 голови на само 102 натпревари во дресот на португалскиот гигант. 

Неговата откупна клаузула изнесува 85 милиони евра, плус дополнителни бонуси и клаузули. Спортинг се надева да извлече вкупна сума која ќе надмине 100 милиони евра. 

ФОТО/PHOTO: Sporting CP/Twitter/X