Ѓока: Тешко беше против Силекс, играчите ја посветија победата на Дестани

Фудбалерите на Шкендија доцна го скршија отпорот на Силекс и победија во Тетово (2-1), со што продолжија да чекорат кон нова титула во ПМФЛ. 

Предводникот на тетовчани, Ернест Ѓока по натпреварот ги пофали играчите, а не сакаше да го коментира спорниот гол на кратовчани. Напротив, тој испрати порака до сопственикот на клубот.

„За волја на вистината, тешко беше денес. Повеќе напаѓавме, но овие натпревари се тешки и мора да се оди чекор по чекор. Важно беше за нас да победиме на првиот меч по паузата, иако знаевме дека противникот ќе направи сè за да не загрози. Ја имавме топката долго, направивме многу шанси, но мали сегменти одлучуваа. Без разлика дали беше офсајд или не, ние моравме да бидеме многу поспремни и да реагираме во кризни моменти, важно е што победивме и одиме понатаму. 

Сакам да пренесам порака од играчите, а тоа е дека оваа победа е за господинот Дестани кој е далеку од нас поради пандемијата. Ова беше подарок за човекот кој ја поддржува Шкендија во сè“, изјави Ѓока. 

Шкендија е лидер во првата лига со 56 бодови, десет повеќе од второпласираниот Шкупи и 15 повеќе од Македонија Ѓорче Петров.