Ѓока: Сакаме пак да бидеме таа европска Шкендија од претходно

Шкендија зададе удар во првото сезонско дерби и убедливо (1-5) славеше на гости кај Вардар. а тренерот Ернест Ѓока изрази задоволство од високата победа и фактот дека неговиот тим остана на врвот во ПМФЛ.

„Не го почнавме мечот според планот и примивме гол, но реагиравме брзо. Среќен сум од одговорот што го добив од тимот откако примивме први погодок во мрежата, тоа е тоа што ни треба на секој меч, желба за победа. И покрај фактот дека Вардар е далеку од она што беше претходно, победата е важна, затоа што тие имаат искусни играчи во екипата и ни создаваа проблеми. Верувам дека овој тим полека фаќа ритам. Да бидеш на врвот не е лесно, затоа што мора да си силен и психолошки. Оваа Шкендија се труди да биде онаа европска Шкендија која ја гледавме порано и ја сакавме“, изјави Ѓока.

Тетовчани се единствениот непоразен тим во Првата македонска фудбалска лига оваа сезона. Во следната рунда избраниците на Ѓока ќе се соочат со Работнички.