Ѓока: Ботошани е еден од најдобрите романски тимови, но ние знаеме зошто сме овде

Шкендија е веќе во Романија каде се фокусира на следниот европски предизвик, а тоа е Ботошани. Тренерот на македонскиот претставник, Ернест Ѓока, истакна дека очекува тежок натпревар за кој смета дека ќе го добие оној кој ќе прави помалку грешки.

„Имаме еден натпревар во Европа, подготвени сме за Ботошани. Ги имаме анализите, знаеме со што располага противникот. Мечот сигурно нема да биде лесен, чека голема борба и ќе победи оној кој помалку ќе греши. Се работи за еден од најдобрите тимови во романскиот шампионат, Ботошани игра агресивно и доста брзо. Но и ние знаеме што треба да направиме, имаме играчи со искуство кои знаат зошто сме дојдени тука. Ако го исполниме она што го работевме, резултатите ќе дојдат“, изјави Ѓока.

Натпреварот меѓу Шкендија и Ботошани се игра в четврток од 17:45 часот. Тетовчани во првата рунда го елиминираа азербејџански Сумгајит.