ВИДЕО: „Ѓаволите“ се прошетаа низ Гранада, полуфиналето на дофат

Манчестер Јунајтед ја совлада Гранада на „Лос Карминес“ со 0-2 (0-1) и се наоѓа на чекор до полуфиналето на Лига Европа. Момците на Солскјер доминираа и со половина сили ја отпишаа жилавата шпанска екипа. 

  • Извештај од натпреварот: 

Домаќините брзо се поставија дефанзивно, а „ѓаволите“ постојано ја имаа топката во нозе, но без креирање на зрели шанси. Кога не можеа на поставена одбрана, „ѓаволите“ поведоа на островски начин. Линделоф во 29. минута со долга топка го пронајде Рашфорд, овој со приемот му побегна на Дуарте и го матира Руи Силва (0-1). 

Реакцијата на Шпанците пристигна преку волејот на Кенеди во 41. минута, но Де Хеа без проблеми го одбрани централниот шут. 

На почетокот од вториот дел Дуарте се повреди и Гранада го загуби својот дефанзивен шеф. Влегувањето на Алекс Телеш донесе енергично по левата страна и неколку пати во вториот дел „ѓаволите“ се заканија со можност за втор гол. Гранада возврати со удари од далечина на Солдадо и Мачис, но Де Хеа остана несовладан.

Во последната минута од натпреварот, Бруно Фернандеш од пенал ги постави финалните 0-2. Со овој резултат фаворитот обезбеди и повеќе од добра залиха пред реваншот следниот четврток на „Олд Трафорд“. Заради акумулација на жолти картони на реваншот нема да настапат Шо и Мегваер.