ВИДЕО: „Ѓаволите“ пак ја надиграа Гранада и закажаа полуфинале со Рома

Манчестер Јунајтед елиминира и втор шпански клуб во елиминационата фаза и пак не прими гол. Во реваншот од четвртфиналето на Лига Европа, екипата на Оле Гунар Солскјер го совлада малиот клуб од андалузија со 2-0 (1-0) и со вкупни 4-0 закажа полуфинале со Рома

  • Извештај од натпреварот: 

Солскјер му даде шанса на Кавани од првата минута и Уругваецот веднаш ја искористи. Уште во шестата минута ветеранот погоди со левата нога и голманот на Гранада, Руи Силва не можеше ништо да стори. Со шаренолик состав и без неколкумина кои ги „чистеа“ картоните за полуфиналето, премиерлигашот доминираше од самиот почеток. 

Иако територијално играа често и на противничкото поле, Шпанците не се закануваа по голот на Хеа. На почетокот од вториот дел, Суарез го замени Солдадо кај гостите, а шанса кај Манчестер Јунајтед доби Дони ван де Бек. Најпозитивниот момент на гостите беше срединагта на вториот дел, во кој Херман прокоцка две шанси за Гранада да израмни. 

Завршната фаза од натпреварот пак им припадна на домаќините, кои преку Гринвуд се заканија. Солскјер ги внесе Диало и Мата, а пред крајот гостите грубо стартуваа врз Фред и домашната клупа стравуваше од сериозна повреда. Во судиското надополнување невнимателниот Хесус Ваљехо си даде автогол и ги постави финалните 2-0. 

Без загубен натпревар и со четири победи и две нерешени средби, Манчестер Јунајтед се избори за полуфинале на второто клупско натпреварување на УЕФА.