• Иван Димовски
Екипата на Олимпик Марсеј се врати на победничките патеки по четири рунди во Лига 1 и го доби дербито на колото против Лион со 1-0 (1-0). Средбата на „Велодром“ ја одлучи еден погодок во финишот на првото полувреме, за важни бодови на домаќинот.
Марсеј тргна подобро во натпреварот, имаше контрола на играта и беше поопасен. Во првиот дел имаше обиди преку Клаус и Санчез, пред да дојде водечкиот гол во 44. минута. Тогаш Џордан Верету нафрли од корнер, а дефанзивецот Самуел Гигот со глава погоди за 1-0 и радост на трибините.
Во продолжението Лион ја презеде контролата на теренот. Брзо по примениот гол имаше обид преку Кокере, но Пау Лопез се истакна со добра одбрана. По еден мирен периор во вториот дел, следеше целосна иницијатива на гостите. Шансите се редеа, се обидуваа Токо-Екамби, Рене Аделаид и Лаказет, но безуспешно. На спротивната страна мечот можеа да го решат Санчез и Гендузи, меѓутоа и тие не успеваа, па резултатот остана непроменет.
По оваа победа Олимпик Марсеј има 27 бода на четвртата позиција, додека Лион со седум помалку е осмопласиран.