Гигант без трофеи – францускиот фудбал предодреден за впечаток и загубени финалиња

Франција е една од првите модерни фудбалски сили на планетата. Но, чуди што една така богата, развиена и преполна со таленти земјата во срцето на континентот има само една европска титула, а на прсти се бројат и трофеите во останатите континентални клупски натпреварувања. Заедно со Шпанија и Португалија, францускиот клупски фудбал меѓу првите го достигна својот зенит по Првата светска војна. Бројот на квалитетни фудбалери и клубови беа во изобилство, иако не беше лесно да се состави квалитетна репрезентација која ќе може да им парира на Бразил, Германија, Холандија, Унгарија и Италија, фудбалските сили на првите повоени Мундијали.

Првата француска сила е Ремс, екипа која двапати  играше финале на Купот на шампионите. Откако во полуфиналето го елиминира шкотски Хибернијан, во финалето се сретна со големиот Реал Мадрид, предводен од Ди Стефано, Пушкаш и Генто. Во финалето во јуни 1956 на „Паркот на принцовите“, „кралевите“ извојуваа победа од 4-3 во прекрасно финале. Головите на Леблонд, Темплинд и Идалго не донесоа титула, но донесоа прва фудбалска еуфорија во Франција. Сите предвидуваа дека оваа генерација ќе освои европска титула. Но, не пресметаа дека доаѓа време на големата реалова доминација и потоа моќната Бенфика на Еузебио и унгарскиот генијалец Бела Гутман.

Четири години подоцна Ремс пак стигна до финалето на Купот на шампионите. Откако ги елиминира Стандард и Јанг Бојс, прилично лесно и убедливо, Ремс во финалето на 3 јуни 1959 година пак налета на Реал Мадрид. На преполниот „Некер“ во Штутгарт „мирисаше“ на реванш. Но, моќта на мадридската чета овојпат полесно се справи со францускиот шампион. Иако беа водени од гол-сензацијата Жил Фонтејн (прв стрелец на Купот на шампионите со десет гола), сепак фудбалерите на Ремс ужасно го почна финалето. Матеос постигна гол во првата минута, а големиот Ди Стефано во 47. минута ги постави финалните 2-0. Ремс ја испушти и втората шанса и генерацијата полека замина од европската сцена. 

Минаа скоро две децении за француска екипа пак да дојде до европско финале. „Зелените“ кои беа атракција низ домашниот шампионат ја покорија Европа. Во сезоната 1975/76 Сент-Етјен ги елиминира Динамо Киев и ПСВ Ајндоховен и закажа финале на „Хемпдон парк“ во Глазгов против Баерн Минхен. На 12 мај 1976 година моќната баварска чета покажа поголема конзистентност и со голот на Рот во 57. минута стигна до третата европска титула по ред. Францускиот првак пак извиси, иако имаше одлична генерација, предводена од Жан-Мишел Ларке. Србинот Чурковиќ на голот, Аргентинецот Пиаца и француските интернационалци Рошето и Сантини ги освоија симпатиите на фудбалските гурмани, но тоа не беше доволно за титула. Четата на Роберт Хербин продолжи да доминира во Франција, но никогаш во Европа не дојде така блиску до европски трофеј. 

Спорадичен успех беше блесокот на Бастија, кој во сезоната 1977/78 стигна до финалето на Купот на УЕФА. Иако сите предвидуваа финале БарселонаГрасхоперс, двете полуфиналиња донесоа изненадувања и за титулата се бореа ПСВ Ајндховен и Бастија. По 0-0 на „Арманд Чезари“ на Корзика, на реваншот во Ајндховен, Холанѓаните беа многу посилен ривал. Ван дер Керхкоф, Дајкерс и Ван дер Кујен ги постигнаа головите за убедлив триумф на ПСВ Ајндховен со 3-0 и Бастија остана со празни раце. Претходното лето Џајиќ се врати во Црвена Звезда, но Бастија имаше големи адути во легендарниот Џони Реп, голманот Огњен Петровиќ, Де Зерби, Франческети, Феликс...

Дојде модерното време и во Франција се појави магнат кој инвестираше како италијанските и шпанските бизнисмени. Бернард Тапи креираше дрим-тим во Марсеј. Гутелс состави екипа која може да им парира на Милан и Реал, во тој момент најсилните екипи во Купот на шампионите. И кога во четвртфиналето Олимпик го декласира Милан, кој го напушти теренот и службено загуби со 3-0, патот кон финалето во Бари беше отворен. Лесно беше срушен Спартак Москва и како голем фаворит, клубот од Азурниот брег излезе на мегдан на Црвена Звезда. Пирова беше иницијативата на Олимпик Марсеј, Водл, Абеди Пеле, Папен промашуваа, па натпреварот влезе во екстра-време. И Драган Стојковиќ беше внесен како џокер, но југословенскиот шампион се одбрани. Во пенал-рулетот единствен од десетте изведувачи кој не реализира пенал беше Мануел Аморос, чиј удар во првата серија го одбрани Стевановиќ. Панчев, реализирајќи го петтиот пенал донесе историска титула за Црвена Звезда, а Франција уште мораше да чека на европска титула. Рајмонд Гутелс доби уште една шанса, но Тапи му донесе серија на звезди и Франц Бекенбауер како спортски директор.

Кајзер Франц како светски првак со Германија одлично купуваше и Олимпик Марсеј формираше нов напаѓачки тандем Бокшиќ-Фелер. Скоро половина век од премиерата и четири загубени финалиња, Франција стигна до европска клупска титула, многу подоцна од Англија, Шпанија, Италија, Германија, па дури и Португалија, Шкотска, Романија...Олимпик Марсеј со максимален број на победи и доминантна игра против Ренџерс, Бриџ и ЦСКА Москва дојде до финален дуел против моќниот Милан на Капело. На „Олимпискиот стадион“ во Минхен до тој момент непоразениот Милан падна пред францускиот шампион. Италијанците делуваа поопасно, но Базел Боли со глава во 43. минута го совлада Себастијано Роси и донесе европска титула. Титулата беше засената со скандалот за наместени натпревари на Олимпик Марсеј во Лига 1. Клубот на Тапи беше исклучен од елитната категорија, а загуби право и да игра во Купот на шампионите следната сезона. Не ја претставуваше Европа на Интерконтиненталниот Куп, а во Суперкупот на УЕФА играше Милан. Тапи мораше во апс, а клубот ги продаде сите свои скапи ѕвезди. Еден феноменален проект пропадна, иако имаше перспектива да се носи со најдобрите италијански екипи – во тој период доминантни во Европа. 

Покрај моќниот Олимпик Марсеј, подеднакво растеше и Монако на Арсен Венгер, Младиот тим, воден од Жорж Веа и ветеранот Руи Барош во сезоната 1991/92 стигна до финалето на Купот на победниците на Куповите. По двомеч победите против Рома и Феенорд, Монако се избори за финале во Лисабон против Вердер Бремен. Алофс и Руфер ги постигнаа головите за триумф од 2-0 на екипата на Ото Рехагел, екипа која доминираше во раните деведесетти во германскиот фудбал. Венгер не дојде до титула, но на светот му претстави бисери како Веа, Турам, Џоркаеф...

Изненадувачки, од квалификациите до пласман во финалето на Купот на УЕФА дотурка и Бордо во сезоната 1995/96. Скопски Вардар беше првиот тим кој застана на патот на младиот тим на германскиот тренер Гернат Рор. Низ сезоната се афирмираа Зидан. Дугари и Лизаразу, а одлична улога играа и Виџге и Банкарел. Во осминафиналето падна Бетис, а Зидан даде гол од половина терен. Се чинеше дека непремостлива пречка е Милан на Капело во четвртфиналето. По поразот од 2-0 на „Сан Сиро“ сите го видоа Милан во полуфиналето, но во незаборавен реванш на „Парк Лескур“, Бордо извојува победа од 3-0 (голови на Толот и двапати Дугари) и се избори за полуфинале. Со две минимални победи од по 1-0 против Славија Прага, Бордо се избори за финале против Баерн Минхен, кој во драматично полуфинале ја исфрли Барса на Кројф. Финалниот дуел беше нерамноправен, Баварците славеа на двата натпревари со 2-0 и 3-1 и го срушија сонот на Бордо да биде прв француски тим кој ќе го освои УЕФА Купот. 

Три години подоцна Олимпик Марсеј се избори за ново финале. Предводени од Пирес и Блан, францускиот гигант се избори за завршниот натпревар со тешки елиминациони рунди против Селта и Болоња. Во финалето како аутсајдер влезе во дуелот со Парма на Алберто Малесани. На „Лужњики“ во Москва, италијанската „машинерија“ беше непобедлива и со головите на Креспо, Ваноли и Киеза стигна до убедлив триумф од 3-0. Тимот на Роланд Курбис го достигна максимумот и брзо се продадоа најголемите ѕвезди на екипата. 

Луис Фернандез градеше моќен тим во главниот град. ПСЖ веќе го доведе Веа, му го придодаде Жинола, капитенот Раи и со уште неколку француски бисери стигна до финалето на „Хејсел“ во Брисел против Рапид. На тежок начин беше елиминиран Депортиво Ла Коруња во полуфиналето и како фаворит се соочи со Рапид Виена. Бруно Нготи во 29. минута го постигна единствениот гол и донесе прв и до денес единствен трофеј за „светците“ (1-0). Истата година ПСЖ се бореше и за трофеј од Суперкупот на Европа против европскиот првак Јувентус. Веќе распродадениот француски состав не беше рамноправен и загуби со вкупни 9-2 (3-1 во Париз и 6-1 во Палермо).

И следната година ПСЖ стигна до финалето на истото натпреварувањето. Во епско полуфинале, предводени од Леонардо, беше елиминиран Ливерпул со победа од 3-0 во Париз и тимот на Фернандез се соочи во финалето во Ротердам со Барса на Бони Робсон. Во финале со две врвни екипи во развој, Луис Назарио де Лима Роналдо го одлучи победникот и донесе трофеј за Каталонците (1-0). Парижаните беа надиграни против една од најмоќните офанзивни екипи, со Роналдо, Фиго, Џовани...

Oд нигде никаде се појави сензација на европското фудбалско небо во името на Монако на Дидие Дешамп. Во таа сезона 2003/04 младиот тренер победник спои шампионски тим во кој главни ѕвезди беа позајмениот Мориентес, Лудовик Жули и Хрватот Дадо Пршо. Откако му дадоа осум гола на Депор во групната фаза, вистинската сензација „кнезовите“ ја сочуваа за четвртфиналето. Во двомеч со десет гола Монако го елиминира Реал Мадрид со Зидан, Роналдо, Раул, Бекам, Карлос во тимот. Подоцна следеше и победа во полуфиналето против Челзи и финале со уште едно изненадување - Порто на Мурињо. Во финалето во Гелзенкирхен, Монако играше само половина час. Потоа, по првиот примен гол играта на францускиот тим се распадна и Карлос Алберто, Деко и Алејничев донесоа убедлив триумф за змејовите. Деценија подоцна Монако на Леонардо Жардим стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите, елиминирајќи ги Манчестер Сити и Борусија Дортмунд, но испадна од Јуве на Алегри.

Во пролетта 2004 година пак Олимпик Марсеј се избори за финале на УЕФА Купот. Дрогба практично сам ја победи конкуренцијата, ги елиминира Интер и Њукасл Јунајтед и закажа финале против моќната Валенсија на Рафа Бенитез. Во завршниот дуел на „Улеви“ во Гетеборг, шпанскиот тим славеше со головите на Висенте и Миста (2-0). Екипата на Жозе Аниго исфрли неколку ѕвезди покрај неприкосновениот Дрогба. Подоцна се продадоа и Фламини, Марле и Мерием, а култниот голман Бартез ја заврши кариерата. 

Малерозниот Олимпик Марсеј загуби и трето финале по ред во Купот на УЕФА (Лига Европа). Во Лион на новата „Групама Арена“, единствениот француски освојувач на Купот на шампионите дојде до финален дуел против Атлетико Мадрид на Диего Симеоне. Тешко ги совлада РБ Лајпциг и Ред Бул Салцбург и во финалето се надеваше на подвиг против „јорганџиите“.Инвидуалните грешки скапо го чинеа Олимпик Марсеј и Гризман со два гола и еден на капитенот Габи го потпишаа шпанскиот триумф (3-0). 

Толку многу квалитетни проекти, фудбалери и тренери, а само два европски трофеи. Французите како да се претплатија да им носат титули на другите европски клубови, па Платини, Зидан, Џоркаеф, Анри, Гризман се прославија носејќи победи за своите екипи.  

Зоран Мишевски