Ги потпишаа за „ситно“, па ги продадоа за над 200 милиони евра

Последната зделка на Ајакс донесе нови 40 милиони во касата на тимот од Амстердам.

Од екипата на крајот од сезоната ќе си замине Хаким Зијеч и ќе го засили Челзи. Тоа е уште еден одличен трансфер за „копјаниците“ кои се познати по креирањето фудбалери и продажба на истите за цена неколку пати повисока од почетната.

Најскапите пет трансфери во историјата на холандскиот гигант го збогатија клубот за над 200 милиони евра. Ако се земе предвид дека на истите беше потрошено само 19,8 милиони евра, тогаш може да се заклучи дека школата на Ајакс е „машина за пари“.

Најскапи од сите нив се Матијс Де Лихт и Френки Де Јонг кои изминатото лето заминаа за сума од 75 милиони. Дејвисон Санчез ја засили дефанзивата на Тотенхем за 42 милиони, Зијеч ќе замине во Лондон за 40 милони, а Наполи плати 32 милиони за услугите на голгетерот Аркадиуш Милик.

Во тимот на Ерик тен Хаг има уште неколку ѕвезди кои ќе бидат интересни за големите екипи во претстојното лето. Меѓу нив се издвојуваат Давид Нерес и Дони ван де Беек.