• Мартин Танасковски
ГФК Охрид во моментов е екипата со најдобра форма ако се земат предвид натпреварите во Првата и Втората лига. „Рибарите“ се со шест победи во низа и се вмешаа при врвот на табелата во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ).
Тимот славеше на гостувањето кај ГФК Осогово во Кочани (2-0) и така дојде до нови три бода. По десет кола Охрид има шест победи, едно реми и три порази, со гол-разлика 15-10.
Покрај над Осогово, ГФК Охрид славеше и над Вардарски (3-0), Саса (2-1), Новаци (3-1), Победа (1-0) и Вардар Неготино (1-0). Во следното коло тимот пред својата публика игра против Скопје кој пет кола по ред е без триумф.
Ако се земат предвид и Третите лиги, Големо Коњари има седум победи во низа, слично е и со Слога Виница, додека некогашниот прволигаш Тетекс има шест победи во низа.