• Иван Димовски
Германскиот репрезентативен стопер Џонатан Тах по десет години, на крајот на тековната сезона ќе се раздели со Баер Леверкузен.
28-годишникот во јули 2015 година како младо момче пристигна во Леверкузен од Хамбургер, а беше платен солидни 9,5 милиони евра. Тој се наметна и стана клупска икона, одигра вкупно 357 натпревари за Баер, а беше еден од најважните актери во ланскиот поход кон титулата.
„Нема да го продолжам договорот со Баер Леверкузен. Мојата одлука е донесена. До крајот на сезоната ќе дадам максимум, а потоа ќе размислувам за мојот иден клуб. Одлучив да заминам и да пронајдам ново искуство“, изјави дефанзивецот.
За услугите на Тах имаше интерес од повеќе клубови ова лето. Еден од нив беше Баерн Минхен, а нема да биде чудно ако тој заврши токму во најголемиот германски клуб.