Германија побара од УЕФА исклучување на Белорусија од евро-квалификациите

Веќе подолг временски период рускиот и белорускиот спорт се ставени под изолација од меѓународните спортски тела. Клубовите од овие земји не играат во евро-куповите, а Русија нема да настани на Светското првенство, иако требаше да игра дополнителни квалификации. Сега, Европската фудбалска унија (УЕФА) им подготвува нов удар.  

Домаќинот на следното Европско првенство, Германија, ја повика УЕФА да ја исклучи Белорусија од квалификациите за завршниот турнир поради поддршката од официјален Минск на Русија во војната против Украина.

Во писмо до претседателот на УЕФА Александар Чеферин, германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, исто така, апелира на суспензија на руските и белоруските официјални лица од телата на УЕФА. 

Европската куќа на фудбалот во Нион досега ја исклучи само Русија од сите свои натпреварувања поради инвазијата врз Украина што почна на 24 февруари. Ждрепката за квалификациите за Европското првенство е закажана за деветти октомври во Франкфурт.