• Горан Упале

Германската репрезентација очигледно следното лето ќе мора да бара нов селектор. По извлекувањето на групите за новиот циклус на Лигата на нации, предводникот на „панцирите“ Јулијан Нагелсман даде интересна изјава во врска со неговата иднина на кормилото на Германија.
Кога во Париз го прашаа дали ќе продолжи да биде селектор на Германија и по ЕП 2024, беше многу јасен.
„Сè уште не сум размислувал за тоа. Судејќи по фактот дека мојот договор истекува по Европското првенство и како се одвиваат работите сега, тогаш веројатно нема да бидам таму. Тоа го кажав на почетокот на мојот мандат. Европското првенство моментално е во центарот на нашето внимание. После тоа ќе видиме дали и понатаму ќе бидам селектор. Доколку бидам, добро ќе се подготвиме и ќе се обидеме да ја освоиме нашата група“, изјави Нагелсман.
Инаку, Германија е во групата А3, каде што се уште селекциите на Холандија, Унгарија и Босна и Херцеговина. Некои медиуми тврдат дека Нагелсман има јасни амбиции да се врати во клупскиот фудбал и дека би сакал да ја преземе работата во Барселона, а го поврзуваат и со клупата на Ливерпул.