• Горан Упале

На крајот од месец март Хајдук и Динамо Загреб ќе го одиграат дербито од 28. коло на СуперСпорт ХНЛ лигата. Тоа треба да биде еден од решавачките натпревари во борбата за шампионската титула, а по последните случувања со контроверзните судиски одлуки тамошниот фудбалски сојуз се реши да повика помош од Германија.
Дербито на „Пољуд“ ќе го суди германскиот судија Даниел Зиберт, арбитар од елитната категорија на УЕФА, кој редовно ја дели правдата во Бундеслигата.
Германците претходно Зиберт го испратија во Грција каде го судеше дербито меѓу Панатинаикос и ПАОК и додели девет жолти картони. Пред десетина дена му судеше на Баер Леверкузен во победата од 2-0 над Волфсбург, а на 6 март беше судија на натпреварот помеѓу Спортинг Лисабон и Аталанта во Лигата на Европа.
ХНС треба соодветно да плати таков угледен судија. Зиберт за судењето на хрватското дерби ќе добие 6.000 евра, а неговите двајца помошници по 3.000 евра. Значи 12.000 евра без хонорари за четвртиот судија и судиите во ВАР собата.