Германците бесни на Мурињо: Рома играше срамен и одвратен фудбал!

Германската фудбалска јавност упати остри критики кон Рома и Жозе Мурињо за играта што ја прикажа „волчицата“ на реваншот против Баер Леверкузен во полуфиналето од Лига Европа. 

Рома успеа да ги задржи „фармацевтите“ на 0-0 и со единствениот погодок од првиот меч се пласираше во големото финале каде ќе се соочи со шпанска Севиља. Очигледен беше дефанзивниот пристап на натпреварот во Германија, а тоа воопшто не ѝ се допадна на публиката и на пошироката спортска јавност во таа земја. Навивачите на Леверкузен се бесни на Португалецот и сметаат дека тој секогаш во важните натпревари игра „анти-фудбал“. 

„Ова е срамно. Мислам дека ваква игра на било кој тим не смее да биде наградена со пласман во финале на европско натпреварување. Знам дека поразениот секогаш има право да се лути, но ова беше навистина нешто неверојатно, немам видено ваква игра од ниеден тим досега. Можеме да му честитаме на нашиот ривал за пласманот, но мора да признаеме дека тие дојдоа до целта на еден ужасен, одвратен начин“, изјави фудбалерот на Леверкузен, Карим Демирбај. 

И навивачите на „фармацевтите“ не останаа покуси во изјавите, а својот гнев го истурија на социјалните мрежи каде упатија низа критики, па дури и навреди за тактиката на Жозе Мурињо. 

„Тој секогаш игра таков фудбал. Некој ќе рече дека Мурињо е специјалист за важни мечеви, но начинот на кој стигнува до успехот е навистина катастрофален. Не знам кој би сакал да гледа таков фудбал и не знам како се чувствуваат навивачите на Рома кога гледаат дека нивните играчи „паркираат автобус“ пред голот.

Секој нормален фан сака да гледа офанзивен фудбал исполнет со многу голови. Тие имаа и други начини да стигнат до финалето, не мораа да настапат баш со ваков очаен пристап. Мурињо на крајот се расплака, но мислам дека плачеше не од среќа, туку поради ужасниот фудбал на неговиот тим“, пишува еден фан на Леверкузен. 

Жозе Мурињо успеа да стигне до своето второ европско финале во само две години минати кај „волчицата“. Минатата година Португалецот триумфираше во Конференциската лига на УЕФА и на Рома ѝ го донесе првиот европски трофеј во историјата, а и сезонава ќе има шанса да се закити со нов трофеј, овој пат од второто по ранг натпреварување, Лига Европа. Финалниот натпревар против Севиља ќе се одигра на 31 мај во Будимпешта, на стадионот „Пушкаш Арена“. 

Состави

Чаби Алонсо

3-4-2-1

    Клаудио Раниери

    3-4-3