Генк пред невозможна мисија на „Енфилд“, Елмас и Наполи фаворити против Салцбург

Ливерпул Генк најава

Екипата на Ливерпул има можност да ја запише третата победа во низа во рамки од групата Е. На „Енфилд“ вечерва гостува Генк, кој потклекна пред момците на Јирген Клоп во претходното коло на домашен терен.

Германскиот стратег нема никакви проблеми со повредени играчи. Единствена дилема ќе има во средниот дел од екипата, каде најверојатно ќе се врати Фабињо. Капитенот Џордан Хендерсон би требало да добие одмор, а на негово место шанса би добил искусниот Џејмс Милнер.

Белгискиот прволигаш е пред невозможна мисија на ова гостување во Англија. Кога играат на домашен терен во Лигата на шампионите, „црвените“ немаат пораз на последните 23 натпревари (17 победи и шест реми средби). Последен тим кој се радувал на теренот на премиерлигашот е Реал Мадрид пред пет години.

Обложувалниците не гледаат никакво изненадување и фаворитската улога очекувано ја префрлаат на страна на Ливерпул. Со оглед на формата во Европа, но и во Премиер лигата, никој не би се обложил дека Генк би можел да направи изненадување на вечерашната средба.

Вториот меч од оваа група носи дуел на Наполи, каде настапува Ељиф Елмас, и австриски Салцбург. Италијанскиот тим пред две недели победи на гости во Австрија и се искачи на врвот на табелата. Сега за „наполитанците“ преостанува да потврдат дека се подобар ривал во меѓусебниот дуел и да направат голем чекор кон осминафиналната фаза.