Гега: Трофеј во Купот ни фали, би бил сладок за јубилејот на Струга

Новиот тренер на Струга Трим Љум, Меритон Гега, изрази големо задоволство од победата над Гостивар во Купот на Македонија, а интересно е тоа што овој стратег и минатата година дебитираше на клупата со триумф против истиот противник. 

Актуелниот првак на Македонија славеше со единствениот гол на Ланре Кехинде, а тренерот изјави дека најубавиот подарок за управата и навивачите би бил трофејот од најмасовното натпреварување во нашата држава. 

„Точно е дека лани дебитирав со победа над истиот ривал, но оваа победа сега е уште послатка, бидејќи ни обезбеди полуфинале во Купот, натпреварување во кое можеме да одиме до самиот крај. 

Струга со ова супер-раководство заслужува да го зграпчи трофејот што ни недостасува во нашето десетгодишно постоење. Би бил навистина пресреќен ако го освоиме трофејот во мај, тоа би бил совршен подарок за навивачите, играчите и управата.

Верувам дека можеме, имаме квалитетен и компактен тим“, рече Гега. 

Струга Трим Љум се најде меѓу четирите најдобри во Купот на Македонија, а противникот ќе биде познат откако ќе биде извршена ждрепката. Место во полуфиналето обезбедија уште екипите на Вардар, Шкендија и Брера Струмица