Геце останува во Холандија, ја продолжи соработката со ПСВ Ајндховен

Поранешниот германски репрезентативец Марио Геце не планира да менува средина во иднина, затоа што го продолжи договорот со ПСВ Ајндховен до 2024 година.

Искусниот офанзвиец во минатата сезона постигна двоцифрен број на голови во дресот на холандскиот гигант, а тоа ги задоволи челниците на ПСВ Ајндховен, па им понудиле нова соработка на уште две години.

„Среќен сум тука. ПСВ Ајндховен е голем клуб, тука можам да работам под водство на одличен тренер и стручен штаб. Покрај тоа, енергијата околу нашиот тим е многу пријатна“, рече Геце.

29-годишниот Геце некогаш важеше за еден од најголемите таленти во Европа, но поради честите повреди не можеше да го покаже целиот потенцијал кој го поседува. Пред да се пресели во Холандија ги бранеше боите на Борусија Дортмунд (двапати) и Баерн Минхен.