Геце: Ајнтрахт има високи амбиции, одлуката да дојдам не беше тешка

Марио Геце се враќа во германската Бундеслига, откако парафира соработка со Ајнтрахт Франкфурт. Офанзивецот се обврза на верност до 2025 година, а дојде од ПСВ Ајндховен за сума од четири милиони евра. 

По кам-бекот во родната земја по пауза од две години, Геце го изрази задоволството и нагласи дека е горд што ќе заигра за Ајнтрахт. 

„Во минатите две години, првпат играв надвор од Германија и тоа нема да ми недостига. Сега се чувствувам одлично што се враќам во Бундеслигата. Зборував со тренерот Оливер Гласнер и спортскиот директор Маркус Кроше. Почувствував огромна доверба од двајцата, а тоа е многу важен аспект за фудбалер. Ајнтрахт има спремен план и високи амбиции, па не беше потребно долго за да ме убедат. 

Неверојатно е што овој клуб постигна изминатите години, ќе дадам сè од себе за да ја продолжиме убавата приказна со одличните фанови. Веќе познавам дел од соиграчите, едвај чекам да ги запознаам останатите“, изјави Геце. 

Во својата кариера Геце се прослави играјќи за Борусија Дортмунд, исто така беше и човекот кој ѝ ја донесе светската титула во 2014 година на Германија во финалето со Аргентина. Сепак, тој се реши за трансфер во Баерн Минхен и потоа пак се врати во Борусија, меѓутоа имаше доста проблеми со повреди и кариерата му одеше во надолна линија. Во ПСВ Ајндховен конечно успеа да си ја врати формата на завидно ниво и сега се враќа во Бундеслигата.