• Горан Упале
Македонскиот напаѓач Александар Трајковски не игра многу често во дресот на Хајдук, но кога ќе добие шанса од Џенаро Гатузо, веднаш ја користи, Така беше и на дербито со Ријека, во кое тимот од Сплит извојува победа од 2-1. Искусниот Трајковски беше автор на погодокот за победа на Хајдук.
По дербито италијанскиот тренер испрати пофални зборови за македонскиот фудбалер.
„Трајковски го заслужи ова. Кога постигна гол, слободно можеше да ме испрати „каде што не треба“, со оглед на тоа што ретко игра оваа сезона. Имаше проблеми со повреди, но секогаш е расположен, позитивен.
Како тренер, му должам благодарност. Никогаш немав проблем со него“, изјави Гатузо.
32-годишниот Трајковски сезонава постигна три гола на петнаесет натпревари за Хајдук.