Гатузо по само 22 дена си заминува од Фиорентина!

Џенаро Гатузо само неколку дена откако заработи отказ од Наполи, пронајде нов ангажман и беше претставен за нов тренер на Фиорентина. Со клубот од Фиренца потпиша договор на две години, но тој нема да биде предводникот на тимот во новата сезона на Серија А.

Како што известува секогаш добро информираниот Џанлука Ди Марцио, двете страни веќе ја прекинаа соработката пред таа да започне. Според италијанскиот новинар, клучниот спор меѓу Гатузо и челните лица на Фиорентина биле несогласувањата во политиката на трансфери, што резултираше со целосна поделба, па Фиорентина ќе мора да бара нов тренер.

Засилувањата се оние што создадоа раздор меѓу двете страни, а нешто поскромниот пристап на клубот со „Артемио Франки“ не наиде на разбирање кај легендарниот италијански репрезентативец.

Фиорентина, минатата сезона ја заврши на скромната 13-та позиција со 40 бода, па доколку сака подобар пласман во новата секако дека ќе мора соодветно да го засили својот ростер.