• Иван Димовски

Фудбалерите на Наполи рутинирано славеа во пресметката со Ријека (2-0) во Лигата на Европа, но фудбалот беше во втор план. Поради смртта на Диего Марадона, овие денови владеат огромни емоции во Неапол, каде Аргентинецот ужива статус на легенда.
На прес-конференцијата зборуваше и Џенаро Гатузо, кој изјави дека Марадона ќе живее вечно во срцата на фановите.
„Имам прекрасни мемории од Диего, неколку пати вечеравме заедно. Почина, но никогаш нема да умре. Тој беше неверојатна личност. Направи грешки, ама таков е животот. Возејќи се низ градот, се гледа дека атмосферата е различна. Диего дојде од друга планета и ќе живее вечно, како вистинска легенда.
Се надевам дека ќе ја поздрави мојата сестра на небото. Единствено жалам што никогаш не можев да му направам лизгачки старт на теренот. Марадона не го освои само скудетото, туку беше најдобриот играч кој го облекол дресот на Наполи, го претставуваше градот и направи цела генерација да сонува за трофеи“, изјави Гатузо.
Сите фудбалери на Наполи пред натпреварот го облекоа дресот со бројот десет и презимето на Марадона на грбот, а фановите организираа собир надвор од стадионот и упатија последен поздрав до својата легенда.