Гатузо лут и покрај победата: Одигравме срамни 30 минути, како првпат да сме на терен

Екипата на Наполи потешко од очекуваното запиша нови три бода на своето конто во Лигата на Европа, откако преку пресврт славеше со минимални 2-1 на дуелот со хрватска Ријека.

Токму заради неубедливата партија, тренерот Џенаро Гатузо беше лут на своите избраници, особено за одиграните први 30 минути, во кои според него Наполи требаше да губи со поголема разлика.

„Без разлика на победата, она што го гледав на теренот не ми се допадна, особено во првите триесет минути. Искрено, требаше да губиме со поголема разлика, бидејќи тоа беа минути од кои се срамам. На терен личевме како тим кој првпат игра фудбал заедно. Сепак, добро е што успеавме да излеземе од таа фаза и на крај славевме тесна победа. Но, мора во иднина да најдеме решение како да играме 90 минути во континуитет“, рече Италијанецот. 

На овој дуел стоперот на Ријека, Дарко Велковски го одигра целиот натпревар за својот тим, додека на спротивната страна Елмас беше заменет по еден час игра со Фабиан Руиз.