Гатузо: Добивме силна шлаканица, им се извинуваме на навивачите!

Екипата на Лацио доживеа вистински шок на стартот на новата сезона. Римскиот клуб пред своите навивачи загуби со 0-2 од второлигашот Мантова и на тој начин уште во првиот натпревар го заврши настапот во Купот на Италија.

По неочекуваниот пораз, тренерот Џенаро Гатузо не бараше оправдувања и целосно ја презеде одговорноста за резултатот.

„Ова беше тежок удар за нас и јас сум одговорен за тоа. Мораме да продолжиме да работиме, бидејќи сезоната е долга и пред нас има многу предизвици. Им се извинувам на навивачите. Пред неколку месеци Лацио играше финале, а сега дозволивме да бидеме елиминирани од екипа од Серија Б“, рече Гатузо. 

Гатузо особено го критикуваше односот на своите фудбалери во првите 45 минути. Според него, Лацио не покажал доволно енергија и борбеност.

„Имавме неколку можности, но во првото полувреме не направивме доволно. Ни недостасуваше агресивност и не бевме на потребното ниво. Сепак, мора да ги извлечеме позитивните работи, да останеме обединети и да го задржиме чувството дека сите сме дел од овој клуб“, порача италијанскиот стратег. 

Италијанскиот тренер е свесен дека неговите замисли не можат веднаш да бидат целосно применети. Тој смета дека на екипата ѝ е потребно дополнително време за да се навикне на неговиот начин на работа.

„Фудбалерите навистина се трудат и работат добро, но не е реално за само 40 дена да се усвојат сите идеи и принципи. Вечерва добивме силна шлаканица и тоа мора да ни биде лекција. Знаеме дека навивачите се незадоволни, а наша задача е да реагираме и да ја промениме ситуацијата“, заклучи тренерот. 

Гатузо не сакаше поразот да го поврзува со квалитетот на играчкиот кадар, ниту, пак, да влегува во разговори за можни засилувања. Во секој случај, навивачите на Лацио ќе очекуваат далеку подобри резултати на стартот од новата сезона во Серија А.