• Зоран Мишевски
Со четвртото место во Серија А минатата сезона, но и со освојувањето на Лига Европа, Аталанта покажа дека местото му е во европскиот врв. Тимот на Џанпјеро Гасперини до титулата во Даблин во мај годинава стигна елиминирајќи клубови со поголем буџет како Ливерпул, Спортинг, Баер Леверкузен.
Сега пред клубот од Бергамо е најголемиот испит, дуел со европскиот првак Реал Мадрид. Гасперини го најави дуелот на прес-конференцијата како натпревар за уживање на фановите.
„Играме против најтрофејната екипа во Европа и немаме никаков проблем во подготовката, иако нема да ни играат важни играчи. Италијанска екипа овој Суперкуп не го играла четиринаесет години и тоа говори многу за тоа што ни следи. Анчелоти е пример за сите тренери во светот. Заедно завршивме тренерска школа во Коверчани, одлични пријатели сме, и со него, и со неговиот кондиционен тренер Пинтус.
Веројатно сега сме поголем аутсајдер од финалето на Лига Европа, но тоа се работи за на хартија. Теренот често знае да покаже нешто друго. Кога гостувавме во Ливерпул, против Баер Леверкузен, и кога игравме во Лигата на шампионите покажавме што знаеме. Јас немаме многу право за погрешам со стартниот тим, а Карло има многу фудбалери и ќе има слатки грижи да избере.
Ретеги е спремен, нема многу тренинзи со екипата, но ќе добие шанса. Адемола Лукман исто така е подготвен и можам да кажам дека е меѓу најспремните“, рече тренерот Гасперини.
Последен пат Аталанта и Реал играа во осминафиналето пред три сезони и двапати се радуваа „кралевите“. Утрешниот дуел во Варшава во рамките на Суперкупот на Европа почнува во 21:00 часот.