• Мартин Танасковски
Црвена Звезда го совлада Партизан со 2-1 во 180. вечно дерби, а значаен придонес во триумфот имаа и двајцата фудбалери од клупската школа, Матеј Гаштаров и Стефан Гудељ. За двајцата ова беше прв настап на сениорско ниво во најголемиот српски фудбалски натпревар, а дебито ќе го паметат по победата на својот тим.
Посебно се истакна 19-годишниот македонски играч за врска Матеј Гаштаров, кој одигра одличен натпревар и во дефанзивните задачи и во организацијата на играта. Младиот фудбалер беше постојана закана за одбраната на Партизан, а токму тој го изнуди пеналот од кој Мирко Иваниќ го постигна победничкиот гол.
„Кога ќе се победи на дерби, нема ништо поубаво од тоа. Игравме храбро и мотивирано. Навистина сум среќен. Ова ми е прво сениорско дерби, имам одиграно многу во младинските категории, но ова не може да се спореди со нив. Им благодарам на навивачите што дојдоа во голем број и нè бодреа. Го дадовме максимумот и на крајот заслужено победивме. На секој тренинг мора да се дава 100 проценти и само така може да се заслужи место во тимот“, изјави Гаштаров за „Арена Спорт“.
Одличните партии на младиот македонски фудбалер не останаа незабележани, па тој доби и повик во сениорската репрезентација на Македонија од селекторот Гоце Седлоски за претстојните натпревари во Лигата на нации.


