Гарсија: Што требаше да направам, да го оставам Мбапе и да чекам офсајд?

Вториот погодок на Франција во финалето на Лигата на нациите против Шпанија, со кој Килиан Мбапе воедно ја донесе и победата на оваа средба беше во најмала рака спорен. Имено, Французинот се наоѓаше во офсајд позиција, ама англиските арбитри не го поништија погодокот, бидејќи Ерик Гарсија минимално го смени правецот на топката. 

По натпреварот се крена огромна прашина, судиите објасниле дека поради намерната игра на стоперот, шансата во која дојде Мбапе се смета за нова акција, а самиот Гарсија збунето ја искоментира ситуацијата.

„Мбапе беше во офсајд, а судијата ми зборува дека јас намерно сум ја допрел топката. Па што требаше да направам? Да се тргнам на страна и да го пуштам Мбапе да мине и да се надевам дека ќе свирнат офсајд? Изгледа дека сега такви се правилата“, изјави збунето Гарсија. 

Многумина останаа зачудени од одлуката, ги критикуваа Тејлор и колегите, ама веќе е бадијала и Франција го крена трофејот во Лигата на нациите.