Гарсија: Мора да дадеме 120% од своите можности против тим како Реал

Наполи ќе го дочека Реал Мадрид во втората рунда од групната фаза на Лигата на шампионите. Шампионот на Италија ќе го предизвика најтрофејниот тим во натпреварувањето, откако во првото коло двете екипи запишаа минимални победи. 

Во пресрет на дуелот со „кралевите“, своето видување го изнесе тренерот на италијанскиот тим Руди Гарсија. 

„Лигата на шампионите е најголемото клупско натпреварување. Само кога ќе ја слушнете химната, тоа ви дава енергија на теренот. Ќе играме против најважниот и најголемиот клуб во светот. Реал го освоил ова натпреварување дури 14 пати, нè очекува тешка пресметка. Тие имаат многу квалитетни фудбалери на технички план. Исто така се високи и силни на прекини. И ние имаме доста опции, но мора да останеме присебни и скромни и да дадеме 120% од своите можности“, смета Гарсија.

Пресметката на „Диего Армандо Марадона“ се игра во вторник во вечерниот термин од 21:00 часот.