ВИДЕО: Гана победи во 95. минута за успешен мундијалски старт

Фудбалската репрезентација на Гана со победа го започна настапот на Светското првенство, откако во првото коло од групата Л во Торонто ја совлада Панама со минимални 1-0. Не беше тоа натпревар кој изобилуваше со големи возбудувања, но завршницата донесе вистинска драма и огромна радост за „црните ѕвезди“, кои до трите бода стигнаа благодарение на погодокот на Кејлеб Јиренки во петтата минута од судиското надополнување.

  • Извештај од натпреварот:

Панама подобро го отвори натпреварот и уште во првата минута можеше да поведе, но ударот на Вотерман одлично го одбрани голманот на Гана, Лоренс Зиги.Во продолжението од првото полувреме недостасуваа вистински шанси. Панамците имаа поголем посед на топката, но без конкретна закана кон противничкиот гол.

Во 33. минута гостите бараа пенал, откако Мартинез падна по дуел со Опоку во шеснаесетникот, но шведскиот судија Глен Ниберг процени дека нема елементи за најстрога казна. Првиот удар на Гана во рамките на голот беше забележан дури во 48. минута, кога Аџетеј се обиде со глава, но голманот Москера немаше проблеми.

Панама беше блиску до водство на истекот на еден час игра, но Мартинез од добра позиција ја погоди само надворешната страна од мрежата. Најопасен играч кај Гана беше Аџетеј, кој во 73. минута повторно се закани со удар со глава, но топката заврши покрај стативата.

И кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без победник, следуваше моментот на одлука. Во 95. минута Брендон Асанте продре по левата страна и испрати одличен приземен центаршут, а Кејлеб Јиренки налета на вистинското место и ја испрати топката во мрежата за голема победа на Гана.

Во следното коло Панама ќе се соочи со Хрватска, додека Гана ја очекува далеку потежок предизвик и дуел против Англија.