ВИДЕО: Галатасарај со луд пресврт го расплака Башакшекир и е шампион на Турција!

Во натпреварот кој го одлучуваше шампионот во Турција, фудбалерите на Галатасарај во рамките на 33. коло на „Турк Телеком Арена“ со пресврт во вториот дел стигнаа до победа од 2-1 (0-1) на директниот конкурент Истанбул Башакшехир и математички се старо-нови шампиони на својата земја. Натпреварот се одигра во прекрасна атмосфера, која ја направија домашните навивачи, а сигурно и доцна во ноќта ќе се слави одбраната на титулата.

  • Атмосферата на „Турк Телеком Арена“ пред почетокот на мечот:

Почетокот на мечот мина во знакот на гостите, кои преку Риад Бајиќ во 18. минута поведоа со 0-1. Во продолжение на првиот дел домаќините имаа повеќе од играта и беа поблиску до израмнување. Најголемата шанса ја имаше Маркао во 40. минута, но гостинскиот голман чудесно одбрани и ја сочува предноста на својот тим на полувремето.

Вториот дел започна идеално за домаќините. Софиан Фегули во 47. минута ја погоди стативата, но одбиената топка се врати кај него и со прекрасен удар го матира Гунок за израмнување на 1-1. Домаќините по израмнувачкиот погодок продолжија со нападите, а во 55. минута погодија за целосен пресврт, но голот беше поништен по асистенција на ВАР, поради играње со рака на Дињ на почетокот од акцијата.

Следеше нов погодок на домаќините преку Хенри Онјекуру, но беше повторно поништен по ВАР сугестија поради офсајд. Сепак, во 64. минута истиот фудбалер конечно регуларно погоди од отпадок за водство од 2-1.

Гостинскиот тренер ги внесе во игра Робињо и Адебајор, но и тие не успеаја да направат нешто повеќе, па победата ја однесоа домаќините и ја запишаа 22-та титула во турскиот шампионат.

  • Извештај од натпреварот: 

Во последното коло Галатасарај ќе игра на гостински терен против Сиваспор, додека Истанбул Башакшекир ќе ја пречека Аланијаспор. Сепак, шампионот е познат - Галатасарај е шампион на Турција по 22-ри пат, а Фатих Терим ја освои својата седма титула во турската Суперлига.