• Мартин Танасковски
Напаѓачот на Галатасарај, Виктор Осимен, успешно е опериран по скршеница на десната рака, потврди турскиот клуб. Интервенцијата била извршена во болницата „Аџибадем Маслак“ во Истанбул од страна на клупскиот лекар Јенер Инџе, а според првичните информации, зафатот поминал без компликации.
Повредата Осимен ја заработи на реванш натпреварот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Ливерпул, во кој турскиот шампион претрпе тежок пораз од 4-0 и беше елиминиран од натамошното натпреварување. Првичните информации од Турција се дека Осимен го чека пауза до крајот на актуелната сезона и тимот ќе мора без него да води битки за домашните титули.
И покрај ова, Осимен има извонредна сезона зад себе. Тој досега настапи на 29 натпревари во сите конкуренции и постигна 19 погодоци, со што се наметна како еден од клучните играчи во составот на Галатасарај.
Истанбулскиот клуб моментално се наоѓа на врвот на табелата во турското првенство со 64 освоени бодови, четири повеќе од најблискиот конкурент Фенербахче, при што има и натпревар помалку. Отсуството на Осимен во наредниот период ќе биде сериозен тест за амбициите на тимот во борбата за шампионската титула.






