• Мартин Танасковски
Турскиот фудбалски гигант Галатасарај и официјално го објави потписот на Виктор Осимен од Наполи. Нигерискиот напаѓач е на позајмица во турскиот гигант до крајот на сезоната. Во договорот меѓу двата клуба нема опција за негов откуп, а Галатасарај ќе ја покрие платата на играчот.
Важен детал е што во договорот на Осимен има нова, многу пониска ослободителна клаузула - 75 милиони евра. Така, 25-годишниот Нигериец многу полесно ќе може да направи трансфер во посилен тим. Наполи ќе има опција да го продолжи договорот на напаѓачот до 2027 година, а неговиот актуелен договор со Италијанците е до крајот на јуни 2026 година.
Преселбата на Осимен во гигантот од Истанбул дојде по долгата трансфер сага со Нигериецот, кој летото беше поврзуван со голем број европски гиганти. Неговата неподготвеност да остане во Наполи, исто така, доведе до несогласување со раководството на клубот, при што јасно му беше ставено до знаење дека нема да се смета на него.
Сепак, на крајот, во последниот ден од летниот преоден рок остана со опции како Челзи и саудиски Ал-Ахли, но двата клуба не успеаја да го привлечат Нигериецот. Така дојде до преселбата на Осимен во Галатасарај.
Осимен дојде во Наполи од Лил во 2020 година и постигна 76 гола на 133 натпревари за италијанскиот клуб. Со „партенопеи“ стана шампион во сезоната 2022/2023, а потоа стана и најдобар стрелец во Серија А, како и играч на сезоната.