• Иван Димовски
Фудбалерите на Галатасарај избегнаа пораз и спречија сензација во дуелот со Копенхаген (2-2), во рамките на првото коло на Лигата на шампионите. Иако данскиот тим одигра одличен меч во Истанбул, долго имаше предност од два гола, на крајот со човек помалку не издржа и прими два брзи гола за крајно реми.
- Извештај од натпреварот:
По стартното испитување на силите, за нијанса поконкретни беа домаќините. Сепак, Галатасарај не искористи неколку добри шанси. Икарди се закани прв, а по него во неколку наврати се обиде Керем Актуркоглу, еднаш погодувајќи ја пречката. Промашувањата ги казни Мохамед Елјунуси, кој во 35. минута по асистенција на Лерагер стрела за 0-1. Турците се обидуваа да дојдат до израмнувачки погодок, ама не успеаја во тоа. Удвојување на позитивата донесе Диого Гонсалвеш, откако по проигрување од Мелинг во 58. минута погоди за 0-2.
Ситуацијата се промени кога Елиас Јелерт доби втора јавна опомена и беше исклучен. Тогаш Турците фрлија сè на карта напад, а среќата ги посака во завршницата. Голот за враќање на надежта беше дело на Саша Боеј, кој во 86. минута намали на 1-2. Само две подоцна, Тете беше човекот кој донесе голем бод за Галатасарај.
Ќе беше неуспех за турскиот тим да тргне со пораз во Лигата на шампионите, особео бидејќи се во конкуренција и со Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед.