• Мартин Танасковски


Младите спортисти се срцето на иднината на македонскиот фудбал – талентирани, посветени и гладни за успех. Преку серија инспиративни интервјуа под наслов „Нашите идни шампиони“, Powerade и Gol.mk организираат уникатна кампања посветена токму на нив.
Запознаваме осуммина перспективни млади фудбалери кои се веќе дел од репрезентативните селекции и најголемите домашни клубови. Со емотивни интервјуа, фотографии и лични приказни, ја откриваме човечката страна на спортот и ја истакнуваме важноста на поддршката што младите ја добиваат во најчувствителниот период од кариерата.
На ваков начин, Powerade не само што го промовира спортот, туку и активно помага во градењето на иднината на македонскиот фудбал. Следете нè и инспирирајте се од генерацијата што доаѓа.
Четвртото име во овој серијал интервјуа доаѓа од женскиот фудбал. Првата девојка со која разговаравме е Теона Галабовска, 17-годишна фудбалерка на Брера Тиверија Струмица и актуелна репрезентативка на Македонија, која се смета за голем фудбалски потенцијал и талент.
„Имам 17 години и отсекогаш го сакав фудбалот. Започнав со него на осум години, затоа што тогаш во Тиверија немаше школа за девојчиња од мојата возраст, морав да играм со машки во Беласица од Струмица. Фудбалот е моето остварување на сонот, го сакам овој спорт и отсекогаш топката ме влечеше. Љубовта кон фудбалот ја добив со татко ми, со кого одев на фудбалски натпревари. Не се двоумев никогаш, од првиот пат кога почнав, целта ми е истата – да бидам професионална фудбалерка“, започна Галабовска.
Машките на почетокот ја гледале со потценување затоа што е девојче, но по секој натпревар ѝ подавале рака затоа што покажувала големи фудбалски квалитети и правела разлика на теренот со своите потези.
„На почетокот беше навистина малку чудно затоа што морав да играм со машки. Јас како девојче на терен, секогаш кога одевме да играме некаде надвор од нашиот град, ме гледаа со потценување. Но, по крајот на мечевите сите ми даваа рака и ми честитаа кога ќе постигнев гол или ќе направев некој добар потег. Како што одминуваше времето, уште од оној момент од школските денови кога играв на училишниот терен со моите врсници од класот, па се до мечевите за клубовите, така сите ме прифаќаа се повеќе затоа што ме запознаа и научија дека сум тука затоа што знам и сакам да играм фудбал“, ни раскажа младата фудбалерка.
Првата шанса за сениорски фудбал по настапите за кадетските и младинските екипи, Галабовска ја доби на само 15 години кога дебитираше во тимот на Брера Тиверија Струмица. За неа, сениорскиот фудбал е остварување на првиот сон.
„Тренерот Славе Велков ми ја даде шансата да играм во првиот тим. Секогаш веруваше во мене и ми ја даваше поддршката, за која вечно ќе му бидам благодарна. Исто така и во Беласица работев со тренерот Ѓорѓи Шопов. Тој најмногу ме мотивираше да продолжам со фудбалот и да чекорам по тој спортски пат. Добро работев и со тренерот Панче Стојанов“, откри фудбалерката и продолжи – „Сите тренери со кои работев, беа како мои учители. Секогаш беа со мене, без разлика на се што се случуваше.“
Галабовска ги мина сите женски селекции на Македонија. Преку У15, па до У17 и У19, сѐ до сениорскиот тим каде дебитираше неодамна.
„Чувството да се носи дресот на Македонија не можам да го опишам. Прекрасно е. Голема е честа да се биде дел од А-репрезентацијата и да се игра со најдобрите, тие се мотив како треба да се биде понатаму. Доста сум задоволна и му благодарам на селекторот Александар Андов кој ми ја даде шансата. Исто така тука би ја споменала и селекторот Катерина Милеска, со која во У17-тимот имавме голем успех и се пласиравме во А-лигата во Лигата на нациите“, кажа македонската фудбалерка.
Во последната сезона со Брера Тиверија Струмица, таа беше во игра за двојната круна. И покрај тоа што тимот не успеа да освои барем еден од домашните трофеи, нема разочарување.
„ Во глобала, доста сум задоволна од последната сезона. На полусезона бевме есенски прваци, ама не издржавме до крај, но не се разочаруваме, спортот е таков и мора да продолжиме понатаму. Имавме добри настапи со многу шанси и доста голови. Можеби малку ни фалеше и спортска среќа. Лично, сезоната ја завршив со дванаесетина гола.“
Женскиот фудбал во Македонија е во развој. Се уште не е на посакуваното ниво, а главниот проблем се условите и терените за игра.
„Мислам дека кај нас во женскиот фудбал фалат добри услови како што во случајот ги имаат мажите. Повеќето клубови се аматерски, функционираат на свој начин и голем проблем се условите. А, имаме многу таленти. Мислам дека со добри услови и терени за игра, Македонија ќе даде многу повеќе во женскиот фудбал. Фудбалот не е само машки спорт. И ние дамите имаме што да кажеме на теренот.“
Нејзин идол од женскиот фудбал е најдобрата македонска фудбалерка Наташа Андонова, а слободното време надвор од терените Теона го користи за цртање. Во моментов е фокусирана и на образованието – учи природно-математички науки во средно училиште.
„Немам некој посебен фудбалски идол, а од кај дамите тоа ми е Наташа Андонова. Таа е пример за сите нас. Како хоби, во слободно време сакам да се дружам со моите врснички, а исто така сакам да цртам и да сликам. Не учам уметничко, туку ми се допаѓа тоа. Одам во средно училиште каде доста учам природно-математички науки“, ни раскажа Галабовска.
Желбата за понатаму е само една – да се одржува добро здравје и топ форма, а иднината да донесе трансфер во некој голем клуб и настап во Лигата на шампионите. Исто така силно посакуван е и настап на Европско првенство со Македонија.
„Желбата ми е да бидам професионална фудбалерка, со сите услови за развој и за успех. Сакам еден ден да играм во некој голем европски клуб и да ја освојам Лигата на шампионите. Исто и со Македонија, сакам да играм на Европското првенство“, заврши младата талентирана фудбалерка.