Гаф на Азиските игри: На Јужнокорејците им ја интонираа химната на Северна Кореја

Неверојатен гаф се случи на Азиските игри, кога јужнокорејските хокеари на трева останаа збунети пред натпреварот против Бангладеш, бидејќи организаторите наместо нивната, ја интонираа химната на Северна Кореја.

Јужнокорејските играчи збунето ја набљудуваа ситуацијата, несигурни како да реагираат, па додека музиката свиреше, некои стоеа мирно, други со рака поминуваа низ косата, а дел ја држеа десната рака на срцето.

Организаторите брзо ја исправија грешката и ја пуштија вистинската химна, по што Јужна Кореја целосно се фокусираше на теренот и убедливо победи со 5-0.

Азиските игри иако официјално се отвараат во сабота, поединечни мечеви веќе се играат поради згуснатиот распоред и рекордното учество на повеќе од 11.000 спортисти, што претставува поголема бројка дури и од Летните олимписки игри.