Гачевски: Во Скопје е топло, во Тетово нека си купат дрва!

Вардар го слави ремито со Шкендија како победа, а голманот Филип Гачевски заедно со „Комитите“ пееше шампионска песна на трибина и со пиротехника прославуваше есенска титула. Битолчанецот по натпреварот откри дека отсекогаш сакал да биде на тоа место заради неговиот нескротлив темперамент.

„Да ви кажам искрено, сакав да бидам еднаш на чеко на навивачите, бидејќи сум такво момче. Татко ми секогаш ме учел дека треба да бидам фраер на улица и можам да му се заблагодарам“, смета голманот на есенскиот првак.

Потоа, Гачевски се осврна на предноста од осум бода пред директниот конкурент по 18 одиграни кола.

„Некој да ни понудеше осум бода предност пред првенството, немаше да веруваме. Докажавме дека овие момци имаат перспектива. Одиме на одмор да наполниме батерии, да се одмориме и пак да започнеме. Горд сум што се роди една голема генерација“.

Чуварот на мрежата на Вардар не пропушти можност да ги испровоцира ривалите и се пошегува со бодовната предност на вардарци.

„Во Скопје е +8, топло е, а во Тетово што побрзо треба да си купат дрва. Не можам да кажам дека предноста е голема или мала, но напролет ќе видиме што ќе донесе“, заврши голманот на Вардар. 

Шампионатот продолжува на 14 февруари 2020 година, а Вардар и Шкендија следната година ќе одиграат уште два дерби натпревари. 

<<< ПОВРЗАНО - „Комити" направија фешта, ривалите го поделија пленот