• Мартин Танасковски

Вардар во зимскиот преоден рок доби големо име меѓу стативите во битката за враќање во Првата македонска фудбалска лига. Поранешниот капитен Филип Гачевски се врати од Кипар и повторно им се стави на располагање на „црвено-црните“.
Човекот кој има преку 140 настапи во вардаровиот дрес, а во изминатата година играше за кипарски Енозис, вели дека новиот проект го вратил во екипата, а истовремено потенцира дека Вардар му дал сè како играч, а сега сака да му врати на ист начин.
„Проектот кој го создава нашиот сопственик Слободан Крстевски ми се допадна. Цело време го следам Вардар откако си заминам, тоа е мој клуб, сакам да помогнам за да се дојде до најдобри резултати и да се вратиме таму кадешто ни е местото. Вардар мене ми даде се, сега сакам да помогнам и да му вратам. Сметам дека ќе успееме да ги оствариме нашите цели“, вели Гачевски.
Вардар почна со подготовки навремено за разлика од претходно, а на подготовките во Турција одигра и квалитетни пријателски средби на кои ја темпира формата.
„Поминавме доста добри подготовки. Имавме добра организација на ниво. Имаме квалитетен тим, сигурен сум дека можеме и јас и моите соиграчи и стручниот штаб да го вратиме Вардар онаму каде му е местото“, додава голманот.
Во овој преоден рок покрај Филип Гачевски во клубот се врати уште еден капитен, тоа е Дарко Мицевски.
„Дојдовме некои нови искусни играчи во овој преоден рок и тука сме сите заедно. Покрај мене и Мицевски од поискусните тука се и Блажевски, Глишиќ, Петковски... луѓе што го познаваат клубот. Грбот на Вардар тежи, мора да направиме се за да го вратиме во прволигашкото друштво и да бидеме херои во очите на нашите навивачи“, е ставот на Гачевски.
И додека старите знаат што значи да се игра за Вардар, младите уште го учат тоа. Гачевски е уверен дека сите млади фудбалери кои се дел од овој клуб наскоро ќе ја увидат тежината на „црвено-црниот“ дрес.
„Имаме многу млади и талентирани играчи, што, искрено и нормално, уште не знаат како е да се игра за Вардар и која е тежината на дресот, што значат навивачите „Комити“ и се останато. Ние постарите сме тука да помагаме и верувам дека набрзо ќе научат. Верувам во целиот тим дека нема да разочараме на крајот“, открива некогашниот капитен.
Чуварот на мрежата во клубот ќе соработува со Никола Глигоров, со кого ја делеше соблекувалната во минатото и заедно беа дел од златната генерација која се пласира во групите од Лигата на Европа.
„Со Глигоров игравме заедно шест години. Тој беше најголем професионалец како играч, таков е и сега. Многу добро му оди како тренер и тоа ме радува. Има голема поддршка од сите нас во Вардар. Му посакувам се најдобро и верувам дека тој може да не врати во Првата лига. Тоа е и нашата заедничка цел. Во главите ни е само Првата лига“, истакна голманот.
Прв пролетен предизвик за Вардар ќе биде гостување кај Охрид. Гачевски сака три бода на овој дуел, но и на секој останат до крајот на сезоната.
„Имаме 12 натпревари, сакаме да победиме на сите од нив. Прв чекор за нас е Охрид, имаме почит за тимот, исто како и за секој ривал. Сите против Вардар сакаат да дадат максимум, некои сакаат да ги добијат петте минути и да играат во клубот, но ние ќе направиме се да победиме на сите натпревари и да влеземе во Првата лига“, дециден е.
Поранешниот капитен не заборави да испрати пофалба и воедно да побара голема поддршка од „Комитите“ и јавноста во обидот на Вардар да се врати во ПМФЛ.
„Запознат сум добро како функционираат работите во Македонија. Сакам да дадам голема благодарност до „Комитите“ и во каква бројка доаѓаат да го бодрат Вардар. Да не беа тие, Вардар немаше да опстане, знаеме сите што тие направија за овој клуб и мора да им вратиме. За другите луѓе и јавноста не сакам да зборувам, многу пати сум се разочарал, сакам да говорам само за мојот Вардар, за „Комитите“ и сакам да дојдат во голема бројка и во Охрид и да ни дадат поддршка затоа што тие се нашиот 12-ти играч“, заврши Гачевски.
Вардар во моментов е на третото место во ВМФЛ-Запад со 29 бода, три помалку од второпласираната Воска Спорт, а дванаесет помалку од лидерот Силекс. Сезоната за клубот продолжува во претстојниот викенд.