Гачевски: Вардар е македонштина и ние го држиме во живот!

Gol.mk ексклузивно интервју

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар живее тешки моменти, се мачи со финансиите и клупската иднина е неизвесна. „Црвено-црните“ долго време немаат плата, газдата Слободан Крстевски кажа дека не може да го финансира клубот и дека бара нови инвеститори.

Фудбалерите излегоа со соопштение, а во интервју за Gol.mk за актуелната ситуација говореше голманот Филип Гачевски. Вардаровиот чувар на мрежата истакна дека клубот во моментов има една цел, тоа е да се врати во Првата лига, а радуваат последните две победи кои беа извојувани во финишот, посебно последната со Локомотива Пехчево која беше среќна.

„Среќата ги прати храбрите, а ние сме храбри момци затоа што навистина издржуваме многу удари и правиме за се натчовечки напори. Први сме на табелата, имаме одлична шанса да го вратиме Вардар на своето место и нормално не гледаме далеку и не прескокнуваме ништо, туку одиме од меч во меч. Следен наш предизвик по паузата е Саса, сакаме да победиме и на тој меч, а потоа и на на сите други наредни натпревари до крајот“, ни изјави Гачевски.

Ова не е првпат Вардар да биде во вака лоша ситуација и потценет. Првпат тоа беше во 2019 година кога под водство на Александар Васоски „црвено-црните“ ја освоија титулата во сезоната на ПМФЛ која беше прекината поради Ковид-19.

„Тој Вардар во 2019 година кога бевме со Васоски, во тој тим тогаш беше и Дарко Мицевски, тогаш не отпишаа во целост. А, сега не отпишаа баш во целост. Ни заминаа седум до осум играчи, но за наша среќа успеавме да ангажираме нови фудбалери кои играат одлично го даваат максимумот за Вардар. Новите имиња одлично се вклопија. Функционираме одлично како тим, среќа што не отпишаа сите, така ни дадоа додатна мотивација за да им докажеме дека не се во право. Вардар е бренд кој тешко се откажува и никогаш не смее да се отпишува“, додава чуварот на мрежата.

Гачевски беше дел од ѕвездениот Вардар кој играше во групите на Лига Европа и е единствен клуб од Македонија на кого му успеало такво нешто, а сега е дел од клубот кој е испаднат во ВМФЛ и кој грчевито се бори за кам-бек.

„Бев тука во ерата на Сергеј Самсоненко, кога беше најдоброто во Вардар, кога во клубот течеше мед и млеко, а сега сум дел од една нова ера, за која, за жал, никогаш не ја имал еден голем клуб како Вардар. Жално е еден таков македонски бренд воопшто има такви проблеми. Не можам да објаснам, но во мојата кариера немам видено како вака од тренери, до стручен штаб, фудбалери, навивачи... сите сме еден за друг, имаме хемија и атмосфера која не краси. Тоа не држи во игра. Наш дванаесетти играч се „Комитите“, голема благодарност до нив. Таква бројка каква што имаме сега, немавме ниту во најдобрите денови. Среќен сум што ја имаме нивната поддршка, со нив заедно - одиме до крај. Како што кажавме во нашето соопштение, оставени сме сами на себе, ние го држиме фудбалскиот клуб Вардар и дај Боже ние да го вратиме онаму каде што му е местото“, истакна Гачевски.

Во моментов, играчите не размислуваат за штрајк поради неисплатени плати, туку се фокусирани само за натпреварите и ќе одиграат машки до крај.

„Ние сме спремни да играме до крај за Вардар. Јас, лично, сум фудбалер, сакам да го направам моето до крај за Вардар, а другото останува на газдата и на административците. Имаме уште девет меча, ние ќе изгинеме до крај и се надевам ќе си ја оствариме целта“, открива вардаровата единица.

Голем хендикеп за Вардар ќе биде повредата на Дарко Мицевски кој ќе биде надвор од терените до крајот на актуелната сезона.

„Јас со Дарко Мицевски веќе подолг период сум соиграч, нормално, ги знаеме неговите квалитети добро. Жалам што му се случи таква повреда и што ќе го немаме до крајот. Повредите во фудбалот се составен дел, ќе мора да бидеме силни. Ќе играме за него на секој натпревар, тој го знае тоа и можеме само да му кажеме едно големо фала за се што тој направи за нас. Откако се повреди ни дава поддршка на секој натпревар, а ние сакаме да му возвратиме за тоа со победи“, вели тој.

Олеснителна околност за Гачевски е што работи со Бобан Грнчаров, човекот со кого играше во шампионската генерација, а сега е тренер.

„Со Грнчаров бевме заедно пет години, од него научив многу работи како фудбалер. Ми беше капитен во Вардар. Можам да кажам за него само се најдобро, баш ми е драго што му оди добро како тренер и му посакувам долга и успешна тренерска кариера. Дај Боже и ние и тој да бидеме дел од таа историја и да се вратиме во Првата лига со неверојатни услови“, кажа Гачевски.

За крај, Гачевски кажа дека Вардар е последната македонштина во државата и истакна дека срамно би било ако некој се сити на неговите проблеми. Воедно, им се заблагодари на „Комити“ за поддршката, а до функционерите и бизнисмените испрати порака дека може да помогнат само ако искрено сакаат.

„Мојот апел за јавноста? Не сум некој кој би молел за некаква помош или за некои пари. Едноставно, јас сум дел од Вардар седум години и тука нормално единствени луѓе кои досега ни помогнаа се „Комити“. А, до големите бизнисмени, функционери, големи компании... ако сакаат да го гледаат Вардар како тоне и како трпи, тоа е голема брука. Тоа може да се случи само во нашата држава. Вардар е македонштина и ако сакаат да ни умре последната македонштина, тогаш тоа е голем срам за политичарите, бизнисмените, големите компании. Во име на сите можам да кажам дека ние нема да молиме некого, туку ќе играме до крај, а ако некој сака да помогне од љубов, со добри намери, тој е добредојден. Дај Боже да имаме секој натпревар да имаме толку многу публика и навивачи и заедно да се вратиме во Првата лига, па потоа заедно да снимаме еден документарен филм да дознае целата Македонија што се случувало и низ што се сме минале во изминатата година“, заврши вардаровиот голман.

Вардар е лидер во ВМФЛ и на контото има 52 бода, пред Воска Спорт која е втора со 50 бода и Гостивар кој е трет со 48 бода. Битката за првите две места кои водат директна промоција во ПМФЛ до крајот ќе биде жестока.