Гачевски: Топката не ја мина гол-линијата, дури и стрелецот призна!

Вардар го загуби пријателскиот натпревар против Черноморец (0-1) со сомнителен гол, а голманот на шампионот, Филип Гачевски, вели дека топката не ја минала гол линијата и потенцира дека дури и противникот признал дека погодокот кој го признаа судиите не е регуларен.

„Тоа не беше гол. Топката не ја мина гол линијата, во тоа сум сигурен. Најпрво и судиите не покажаа на центарот. Дури и самиот играч на Черноморец пријде и призна топката не влезе во голот. Сепак, арбитрите по долго размислување признаа гол. Не можевме да се помириме со таа одлука и реагиравме кај судиите. Им кажавме дека и самите играчи на Черноморец признаваат дека не е гол, но тие не ја сменија одлуката. За среќа станува збор само за пријателски натпревар чиј што резултат нема никакво натпреварувачко значење. И покрај тој гол, мислам дека денеска не заслуживме да загубиме затоа што бевме подобар тим од противникот, имавме повеќе од шансите, не искористивме и пенал. Одиме понатаму, остануваат уште три натпревари на кои се надевам дека ќе оствариме победи. Најважно е низ овие мечеви да ја изградиме нашата игра и да се подготвиме за пролетниот дел од сезоната, меѓутоа за нас и резултатите на овие контролни натпревари се важни“, изјави Гачевски.

Вардар наредниот пријателски натпревар во турска Анталија ќе го игра против Заглебје (Полска).