• Мартин Танасковски

Спортскиот бренд на Македонија, екипата на Вардар, успеа да се врати во Првата лига со победа во баражот против Скопје (3-0). Емоциите по натпреварот кај сите беа големи, посебно кај голманот Филип Гачевски кој цела сезона беше лидер и мотиватор на екипата.
По дуелот, чуварот на мрежата не ги криеше емоциите. Им честита на сите за подвигот, а воедно им се заблагодари и на „Комитите“ кои направија се за Вардар да остане во живот и да дојде до овој голем успех.
„Докажавме што значи Вардар, како се гине за Вардар, поготово кога ја видовме атмосферата и нашите најдобри навивачи кои за мене се најдобрите во светот. Тие беа нашиот 12-ти играч. Заслужуваме да се собереме сите заедно, да снимиме филм и да дознае целата јавност низ што ние минавме и за се што издржавме. Направивме натчовечки работи, ние сме луѓе и ни беше многу тешко, но секогаш бевме позитивни.
Сигурен сум дека ниту еден човек нема да може да го издржи тоа што го издржавме ние, само за Вардар. Сега ќе славиме, затоа што го вративме надјбориот бренд таму каде што му е местото. Играв со клубот во Лига Европа, ама од прв до последен играч и тренер пред овој меч имавме огромен товар и го издржавме, ова едноставно беше неверојатно. Најтешките сезони во кариерите ги издржавме машки. Голема благодарност до нашите „Комити“ за се што направија за нас“, изјави Гачевски за Gol.mk.
Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) како нови членови од ВМФЛ покрај Вардар ги доби и екипите на Гостивар и Воска Спорт. Статусот за следната сезона го имаат и Струга, Шкендија, Шкупи, Силекс, Македонија ЃП, Брегалница, Работнички, Тиквеш и Академија Пандев.