Гачевски: Многу луѓе му го свртеа грбот на Вардар и го искористија!

Gol.mk ексклузивно интервју

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар никако да ги растрга темните облаци кои долго време се надвиснати околу клубот и никако да ја престане борбата за егзистенција. Се нема стабилен спонзор, играчите врзуваат крај со крај, резултатите се далеку од посакуваните...

Иако влезе во Првата лига, Вардар не доби стабилен спонзор. Клубот во живот го одржуваат „Комитите“, но само со нивна помош - толку се може. Во интервју за Gol.mk, капитенот на вардарци, Филип Гачевски, отворено говореше за актуелната ситуација со која се соочува Вардар. Сите се реални, знаеле дека ги чека тешка битка за опстанок, која се спремни да ја водат до крајот.

„Борбата за опстанок знаевме дека ќе ја имаме уште од почетокот на првенството. Наша цел беше да влеземе во Првата лига, успеавме во тоа, сакавме клубот да се стабилизира и така целта ни е опстанокот. Од тие работи, нема ниедна засега. Ниту имаме стабилен спонзор, ниту имаме ситуација за опстанок. Моментално сме во лоша резултатска низа, но можам да кажам дека нема да се предадеме и ќе водиме борба до крај. Кој ги гледа нашите натпревари, виде дека се трудиме максимално, играме добар фудбал со сите екипи, а некогаш и среќата ни го врти грбот“, изјави Гачевски.

Имаше бројни ветувања дека ќе му се помогне на Вардар, но ниту еден сериозен бизнисмен не му подаде рака на најтрофејниот колектив од Македонија кој пред пет години играше во групите на Лига Европа, а оттогаш почна вротлавиот пад поради повлекувањето на газдата Сергеј Самсоненко.

„Како што реков, кога влеговме во Првата лига цел беше да се стабилизираме. Искрено, не ни успева тоа во моментов, затоа што едноставно од многу ветувања и од сите тие „ветувачи“ што беа пред почетокот на првенството, нема ништо. Освен нашите „Комити“ кои секогаш се тука за Вардар во добро и во зло, друго нема ништо. Ние сме во тешка состојба, а јас како фудбалер на клубот можам да кажам дека ќе се бориме машки на следните натпревари. Многу луѓе му го свртија грбот на Вардар. Кога влеговме, направивме голем бум затоа што вложивме натчовечки напор, со девет месеци без денар и направивме голема работа. Но, немаме газда, нашиот клуб го водат навивачите и не можам да кажам ништо лошо за нив во моментов затоа што знам дека тие вложуваат натчовечки напори. Но, знам дека и на нас и на нив ни даваа ветувања од градоначалници, до политичари, компании, спонзори... а на крај нема ништо. Сите што сме во клубот се разочарани, затоа што вакво нешто му се случува на најголемиот клуб на Македонија. Се чувствува како државата да сака да испадне Вардар пак во Втората лига“, додава голманот на црвено-црните.

Тимот оваа сезона по разделбата со Бобан Грнчаров се нафати да го води Александар Васоски. Клупската легенда се врати меѓу „црвено-црните“ за првпат по 2020 година и сите знаат дека следи тешка мисија.

„За Александар Васоски имам само пофални зборови, работевме заедно кога бевме шампиони, сега сме во една друга ситуација. Кога дојде до тренерската смена, бев среќен кога дојде Васоски затоа што сите ги знаеме неговите квалитети. Знам дека и нему му е тешко затоа што во оваа средина сме препуштени сами на себе, со нас се само „Комитите“. Се бориме од ден во ден“, истакна Гачевски.

Вардар во моментов е бездомник. За тренинзи се сели од терен на терен наместо да има своја „база“. Кампот во Хиподром е запуштен, тревникот е ужасен, ако воопшто тоа може да се нарече тревник, вели Гачевски.

„Сите помисливме дека конечно ќе имаме наше место, дека ќе тренираме и работиме во кампот во Хиподром, но тој во моментов се наоѓа во една жална ситуација, подобро никој да не гледа во моментов во каква ситуација е тој центар кој беше дом на ФК Вардар. Голема црна дамка затоа што се дозволи да се запушти толку, не не интересира дали е грешка на Самсоненко, дали е на државата, дали е на некој друг... тоа не е важно сега. Важно е дека ситуацијата е ужасна. Тешко е да се менуваат на секои два дена терени, Васоски и „Комитите“ ги даваат последните атоми од силата да не држат и помагаат колку можат во оваа ситуација околу организацискиот дел.“, открива Гачевски.

Шанса да се излезе од резултатската криза е Македонија ЃП. Вардар баш против „лавовите“ ја почна таа кратка позитивна низа во ПМФЛ. Гачевски вели дека ќе биде тешко, но се посакува победата, а истовремено јавно побара фер судење затоа што Вардар не заслужува да биде оштетуван на натпреварите во мак-фудбалот.

„Ни следи Македонија Ѓорче Петров, јасно е дека сите сакаме да освојуваме бодови. Верувам во нас, соиграчите и тренерите и знам дека со малку среќа, таа ни го сврти грбот на претходните мечеви, верувам дека може да славиме. Искрено, се надевам дека на средбите кои ни следат ќе имаме коректно судење. На пример последниот меч не сакам да го коментирам со Струга, ние го загубивме, но од прво коло па до денес, судиите се против Вардар, осум години сум тука, но никогаш не можев да си замислам судија да си игра играчки со тебе“, раскажа голманот.

Вардарци мораат без моторот во средниот ред, Дарко Мицевски, кој се повреди бизарно, додека славеше гол на натпреварот против Работнички.

„Мицевски ни фали доста, таков играч вреди многу. Ги знаеме квалитетите на играч како него, на сите тие проблеми што ги имавме, капак на се беше што тој ни се повреди. Се бориме со сите сили да го надополниме неговото отсуство, не може да бараме алиби за резултатите и да велиме дека тој ни фали, ние сме Вардар и мора да се бориме за секој бод

До крајот на есенската полусезона има уште три кола. Но, што понатаму? Дали Гачевски очекува 2024 година да донесе новини за Вардар? Разочарано, истакна дека веќе не знае што да мисли, затоа што веќе пет години се чека на подобро време, а тоа не доаѓа.

„Секоја година е иста песна. Не знам дали да очекувам повеќе нешто... во последните четири до пет години Вардар е во катастрофална ситуација. Минатата година ако не ни помогнеа „Комитите“ на пример, како и ние фудбалерите што се нафативме за нула денари да играме за клубот, мислам дека Вардар ќе згаснеше. Толку многу сум разочаран од државата, од политичарите, од градоначалниците, од бизнисмените... затоа што сите гледаа само поени во името Вардар и го искористија кога им беше потребен. Бренд како Вардар не смее да се користи, затоа што Вардар е едно големо име што е над сите и мора да остане. Со Вардар не смее да се зафркаваат како што сите се зафркаваат денес, се надевам дека овој клуб ќе го огрее сонце наскоро. Минуваме низ големи маки, како некој да сака да го уништи Вардар“, заврши чуварот на вардарци со над 200 настапи во лигата.

Вардар е закован на последното место на табелата во ПМФЛ, а битката за опстанок која следи ќе биде пеколна. Повеќе екипи се изедначени на табелата, но Вардар, засега, е далеку од оние безбедни места во македонската елита.